Nur Asena Ertürk
05 Септември 2023•Ажурирај: 07 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Повеќе од 60 муслимански ученички одбија да престанат да носат абаја во училиштата, изјави францускиот министер за образование, пренесува Анадолу.
Габриел Атал во интервјуто за РМЦ рече дека абајата, широка наметка што ја носат муслиманките како знак на скромност, неодамна била забранета во училиштата поради принципот на секуларизам.
„Новата училишна сесија започна во понеделникот, но и покрај новото правило, 298 ученици пристигнаа со абаја во училиштата во различни региони на земјата“, рече тој.
„Шеесет и седум од нив одбија да престанат да ја носат својата абаја“, рече Атал, додавајќи: „Не би сакал да ја идентификувам религијата на учениците во училиштата според нивната облека.“
Министерот ја истакна и важноста на дијалогот и ја објасни целта на ова правило.
Претседателот Емануел Макрон, кој минатата недела ја поддржа одлуката за забрана на абаја и камис, тип машка кошула до глужд, исто така, во интервјуто вчера изјави дека во училиштата може да се усвои уникатна облека, како што се пар фармерки, маичка и јакна.
Винсент Бренгарт, адвокат на Акцијата за муслимански права (ADM), во петокот на X, порано позната како Твитер, изјави дека поднеле жалба до Државниот совет за да побараат суспензија на забраната за абаја во училиштата, за која рече дека прекршува „неколку основни слободи“.
Францускиот највисок суд ќе започне со разгледување на случајот попладнево.
Контроверзниот потег предизвика бурни реакции против Владата, која беше критикувана во последниве години за таргетирање на муслиманите со изјави и политики, вклучително и рации во џамиите и добротворните фондации, како и законот за „антисепаратизам“ што наметнува широки ограничувања на заедницата.