Aida Cako
12 Март 2026•Ажурирај: 12 Март 2026
ХОРМОЗГАН (АА) – Децата што загинаа во ракетниот напад врз основното училиште за девојчиња во градот Минаб во иранската покраина Хормозган во вторникот беа погребани на заедничка погребна церемонија, неколку дена по нападот извршен на 28 февруари, јавува Анадолу.
Учениците што ги загубија животите во нападот беа испратени на последното почивалиште на масовна погребна церемонија на која присуствуваа голем број граѓани што им оддадоа почит.
Иранските власти соопштија дека училиштето било погодено во саботата, првиот ден од заедничките напади врз Иран извршени од САД и Израел.
Техеран го опиша ракетниот напад од 28 февруари како „непростливо воено злосторство“ и повика одговорните да бидат изведени пред правдата.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека нападот, во кој според иранските власти загинале 168 ученички, не смее да остане неказнет.
Во објавата на американската компанија за социјални медиуми Х, Багаи наведе дека „двојниот напад со американски ракети ‘Томахавк’“ извршен на 28 февруари во градот Минаб „усмрти 168 мали ирански ангели“.
„Станува збор за непростливо и тешко воено злосторство што не смее да остане неказнето“, напиша тој.
Претходно иранската државна телевизија објави дека цел на нападот било основното училиште за девојчиња во Минаб, град во јужниот дел на Иран.
Според извештаите, во нападот загинале повеќе од 170 лица, меѓу кои ученици и наставници.
Инцидентот привлече меѓународно внимание поради спротивставените тврдења за одговорноста, иако голем број анализи укажуваат дека нападот бил од американска страна.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно сугерираше дека Иран можеби стои зад нападот, изјавувајќи: „Според она што го видов, тоа го направи Иран.“
Откако се појавија извештаи дека во нападот биле употребени крстосувачки ракети „Томахавк“, кои вообичаено ги користи американската војска, Трамп без да понуди докази тврдеше и дека Иран поседува ваков тип ракети.
Сепак, американски медиуми вчера, повикувајќи се на прелиминарни наоди од тековната воена истрага, објавија дека нападот можеби бил извршен од американската војска.
Голем број медиумски анализи, исто така, наведуваат дека одговорноста за нападот може да ја сносат САД.
Во меѓувреме, Израел негираше каква било вмешаност во смртоносниот напад.
Истрагата за инцидентот продолжува.