Nur Asena Ertürk
17 Март 2025•Ажурирај: 21 Март 2025
АНКАРА (АА) - Руанда денес ги прекина дипломатските односи со Белгија поради конфликтот во источниот дел на ДР Конго, се вели во официјалното соопштение, пренесува Анадолу.
Одлуката стапува „на сила веднаш“, соопшти Министерството за надворешни работи на Руанда и објасни дека е „донесена по внимателно разгледување на неколку фактори, сите поврзани со жалните обиди на Белгија за одржување на своите неоколонијални заблуди“.
Министерството на Руанда побара од сите белгиски дипломати во Руанда да ја напуштат земјата во рок од 48 часа.
Министерството упати критики кон Белгија за поткопување на Руанда „и пред и за време на тековниот конфликт во Демократска Република Конго, каде што Белгија има длабока и насилна историска улога, особено во дејствувањето против Руанда“.
„Денес Белгија јасно зазеде страна во регионалниот конфликт и продолжува систематски да се мобилизира против Руанда на различни форуми, користејќи лаги и манипулации за оформување неоправдано непријателско мислење за Руанда, во обид да ги дестабилизира и Руанда и регионот“, истакна Министерството.
Оттаму упатија дополнителни критики кон Белгија за нејзината „деструктивна историска улога во разгорувањето на етничкиот екстремизам што резултираше со вкоренета дискриминација и прогонство и на крајот со геноцидот врз Тутсите во 1994 година“ и за тоа што дозволи „белгиската територија да се користи од групи што пропагираат негирање на геноциод и за добивање геноцидна идеологија“.
Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, вчера ја обвини Белгија дека се залага за меѓународни санкции против неговата земја поради конфликтот во Источна Демократска Република Конго.
Тој, исто така, ја обвини Белгија дека дала голем дел од територијата на Руанда на Конго за време на колонијалниот период, така што Руанда изгледа мала како Белгија.
На почетокот на овој месец германските власти им се придружија на САД и Велика Британија во наметнувањето санкции против Руанда поради конфликтот во ДР Конго.
Конго и западните земји ја обвинуваат соседна Руанда дека ги поддржува бунтовниците М23. Руанда ги отфрли обвинувањата.
Бунтовничката група ја засили својата офанзива во Источно Конго од декември, освојувајќи ги главните градови на провинциите Гома и Букаву.
Неодамна бунтовниците го зазедоа Нјабиондо, кој се наоѓа 110 километри северозападно од Гома во провинцијата Северен Киву, по неколкудневни жестоки борби со владините сили и провладината милиција Вазалендо. Минатата недела групата го зазеде градот Кашебере во Северен Киву.
Мировните преговори меѓу Владата на Конго и бунтовничката група М23 со посредство на анголскиот претседател Жоао Лоренко, мировен посредник на Африканската унија за конфликтот во Конго, треба да се одржат утре во Ангола.
Владата на Конго соопшти дека во борбите од јануари загинале најмалку 7.000 луѓе.