Ahmet Salih Alacaci, Medina Choreska
09 Ноември 2026•Ажурирано: 09 Ноември 2026
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера навести дека можеби нема да биде можно да се постигне дипломатски договор со Иран, обвинувајќи го Техеран дека поставува нереални барања и предупредувајќи дека преговорите не се блиску до напредок, јавува Анадолу.
„Постојат повеќе земји кои продолжуваат да разговараат со нив, предлагајќи различни идеи, но не би рекол дека сме на прагот на напредок“, изјави Рубио на новинарите пред заминувањето за Париз, каде што ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7.
„Претседателот секогаш би претпочитал ова и секој друг проблем да се реши по дипломатски пат. За жал, понекогаш тоа не е можно“, додаде тој.
Рубио рече дека Вашингтон и понатаму е подготвен да ги разгледа дипломатските можности, но преговорите ги оцени како непродуктивни, а барањата на Иран како „неприфатливи и смешни“ и нереални.
- Трамп дејствувал и покрај политичките последици -
Бранејќи го начинот на кој претседателот Доналд Трамп се справува со војната со Иран, која сега влегува во својот деветти месец, Рубио рече дека Трамп се соочил со долгогодишна закана за националната безбедност на САД и покрај можните политички последици.
Тој истакна дека спречувањето на Иран да се здобие со нуклеарно оружје треба да остане приоритет за двете главни политички партии во САД.
Изјавите следуваат пред состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Париз, закажан за денес и утре, на кој се очекува меѓу темите да биде и конфликтот со Иран.
САД и Израел започнаа воена офанзива против Иран на 28 февруари. Во април беше постигнат прекин на огнот, по што во јуни следуваше меморандум чија цел беше постигнување мировен договор, но преговорите не доведоа до конечна спогодба.
Изјавите на Рубио следуваат по ограничените американски напади врз иранскиот остров Кешм во Ормускиот Теснец во изминатите денови. Трамп во петокот потврди дека американските сили ги гаѓале иранските системи за противвоздушна одбрана.
Говорејќи за околностите во кои Вашингтон би можел да изврши дополнителни воени напади, Рубио рече дека американските дејствија се одбранбени и зависат од заканите за американските сили или поморскиот сообраќај.
„САД дејствуваат во самоодбрана. Ако постои закана за нашите сили во регионот, ќе дејствуваме против неа. Ако постои закана за бродскиот сообраќај, веќе извесно време го штитиме“, рече тој.
„Затоа, ако постои јасна и непосредна закана за поморскиот сообраќај или за нашите сили во регионот, имаме право да се браниме“, додаде тој.
Рубио рече дека секоја таква акција ќе зависи од степенот на заканата и од тоа дали иранските сили напаѓаат или потенцијално се подготвуваат да ги нападнат американските интереси.