Betül Yürük
23 Февруари 2018•Ажурирај: 23 Февруари 2018
ЊУЈОРК (AA) - Во четврток е одржано заседавање на Советот на безбедност на ОН во Њујорк за ситуацијата во Источна Гута во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Васили Небензиа, амбасадор на Русија при Обединетите нации, во обраќањето на присутните, истакна дека доколку не бидат направени потребните измени, Русија нема да го прифати нацртот на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со кој се бара едномесечно примирје во Сирија.
Нагласи дека споменатиот нацрт на резолуцијата, кој го предложија Шведска и Кувајт, не е, како што рече "реален", додавајќи дека не е производ на поширокиот консензус.
Со нацртот на резолуцијата се бара прекин на огнот на 30 дена во Сирија за да се овозможи испорака на хуманитарната помош и медицинска евакуација.
Со нацртот се повикува на прекин на огнот на 72 часа по неговото можно усвојување. Испораката на хуманитарна помош и медицинска евакуација би започнале 48 часа после тоа.
Кели Кари, заменик на американскиот амбасадор при ОН, ја обвини Русија дека, како што рече, „спречува секаков разумен напор со цел запирање на крвопролевањето во Источна Гута."
Олоф Ског, шведски амбасадор при ОН, истакна дека денеска во Советот за безбедност на ОН човештвото е на голем испит, додавајќи дека ова меѓународно тело има голема одговорност да ја спречи кризата во Сирија.
Марк Лаукук, заменик генерален секретар на ОН задолжен за хуманитарни работи, нагласи дека само во четврток во нападите на Источна Гута загинале десетици цивили.
Во интензивните режимски напади изведени во последните три дена загинаа преку 300 лица.
Освен тоа, во ист период на мета на нападот беа 22 медицински центри, џамија и дом за деца. Во Источна Гута која се наоѓа под контрола на опозицијата живеат околу 400 000 цивили.
Источна Гута на преговорите во Астана беше прогласена за зона без судири. Но, режимот на Асад во последните месеци ги интензивираше и нападите.
Кризата во тој регион секој ден е се поголема, а илјадници болни лица чекаат да бидат евакуирани. Голем број деца и бебиња во Источна Гута починаа од глад и недостиг на лекови.