Ata Ufuk Şeker,Ömer Tuğrul Çam
10 Јуни 2022•Ажурирај: 14 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Рускиот синџир на дисконтни маркети „Mере“ ја отвори својата прва продавница во Белгија, земја од Европската Унија (ЕУ) која воведе санкции кон Русија во многу области, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата „Mере“ е основана во 2018 година за да работи во европските земји под малопродажниот синџир „Светофор“.
Компанијата „Светофор“ има повеќе од 2.000 продавници во Русија, а по Германија, Полска, Романија, Литванија и Латвија, започна со работа и во Белгија.
И покрај Руско-украинската војна и санкциите наметнати од ЕУ, првата продавница на „Mере“ во Белгија беше отворена во градот Опвијк, во близина на Брисел.
Работејќи на пазарот како дисконтен маркет, „Mере“ продава производи со поприфатливи цени од неговите ривали во Белгија како што се „Алди“, „Лидл“ и „Колрујт“.
Најголем дел од производите што се продаваат во маркетот се испорачуваат од членки на ЕУ и земји како што Турција и Азербејџан.
Иако руските прехранбени производи не подлежат на санкции од ЕУ, нив ги нема во продавницата.
Производите во продавницата не се изложени на полиците. Во маркетот „Mере“, каде што се вклучени производи со ниски цени, сите производи се нудат на продажба во палети или во кутии.
Жителите од регионот покажуваат голем интерес за новоотворениот пазар. На касата и паркингот на маркетот се формираат долги редици.
Компанијата „Mере“ планира во блиска иднина да го зголеми бројот на филијали во Белгија на 10.
Од друга страна, со нападот на Русија врз Украина на 24 февруари, големите синџири на маркети во Белгија ги отстранија руските производи од своите полици.