Ekip
08 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
АНКАРА
Марат Габидулин, наведувајќи дека работел во руската компанија за безбедност „Вагнер“, рече дека платениците што работеле во оваа компанија учествувале во конфликтите во регионите како Сирија и Либија, а дека за тоа биле платени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Габидулин во изјавата дадена за веб-страницата „Медуза“, со седиште во Латвија, раскажа за компанијата „Вагнер“ за која работел 4 години и за книгата што ја напишал за „Вагнер“.
Истакнувајќи дека бил на интервју за да работи во компанијата „Вагнер“ по службата во руската Армија, Габидулин рече: „Ми се допадна нивната отвореност и искреност. Отворено ни кажаа дека ќе одиме во војна таму каде што нашата држава има интереси, и како резултат на тоа може да ги загубиме своите животи.“
Габидулин рече дека „Вагнер" во последниот период користел „борци“ кои веќе не се професионални.
„Половина од персоналот за прв пат видоа конфликт. Високите функционери на „Вагнер" повеќе размислуваат како бизнисмени отколку како команданти. Тоа е една од главните причини за нашите големи загуби во Либија. Не е направен правилен теренски план. Командантите не ја предвидоа ниту можноста Турција да се приклучи во конфликтите.“
Наведувајќи дека им биле ветени „награди“ на вработените во „Вагнер“ ако запленат нафтени полиња, Габидулин додаде:
„На крајот, војниците престанаа да им веруваат на своите команданти. Од 2018 година, некои од командантите започнаа да земаат половина од доделените бонуси на единиците и да ги дистрибуираат на борците.“
- „Во Сирија главната работа ја заврши Вагнер“
Габидулин, наведувајќи дека во 2019 година добил наредба Сиријците што се борат со терористичката организација ДЕАШ да ги испрати во Либија, рече: „Кога тие што ги испратив стигнаа таму, командантот ми се јави и ме праша: ’Дали овие можат да извршат самоубиство?’ Како еден човек може да постави вакво прашање?“
Габидулин, критикувајќи ги руските војници што служат во руската база „Хмејмим“ во Сирија, рече: „Војниците на Вагнер ја завршија главната работа во Сирија. Сириската Армија беше неспособна. Некои руски команданти им даваа лажни изјави на своите претпоставени за да изгледаат успешни.“
Оценувајќи ја изјавата на рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, „Ние извојувавме победа против ДЕАШ во Сирија“, Габидулин нагласи: „Војниците на Вагнер сè уште одвреме-навреме учествуваат во судирите со ДЕАШ, особено во регионот дефиниран како ‘Бела пустина‘ во Сирија.“