Hakan Çopur
04 Август 2019•Ажурирај: 05 Август 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот Стејт департмент ги поздрави информациите за прекин на огнот во северозападна Сирија, додавајќи дека е најважно да престанат нападите насочени кон цивилите и цивилната инфраструктура, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Морган Ортагус, даде соопштение во врска со прекинот на огнот во Идлиб.
„Соединетите Американски Држави ги поздравуваат информациите за прекин на огнот во северозападна Сирија, но најважно е да престанат нападите насочени кон цивилите и цивилната инфраструктура“, се истакнува во соопштението на Ортагус.
- „Ги цениме напорите на Русија и Турција“ -
Истакнувајќи ја важноста на сите напори поврзани со прекинот на огнот, Мортагус рече: „Ги цениме напорите на Турција и Русија за повторно применување на Договорот за прекин на огнот постигнат во Сочи, во септември 2018 година.“
Осврнувајќи се на напорите на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за прекин на огнот, Ортагус рече: „САД веруваат дека нема воено решение за Сирија. Само политичкото решение во Сирија може да обезбеди безбедна и стабилна иднина за сите Сиријци.“
Таа додаде дека САД ќе продолжат да го поддржуваат политичкото решение предводено од ОН.
Турција, Русија и Иран на 13. состанок на земјите гаранти за Сирија што се одржа во главниот град на Казахстан, Нурсултан, се согласија да преземат конкретни мерки за заштита на цивилното население и безбедноста на воениот персонал сместен во и надвор од деескалационата зона во Идлиб.