Safvan Allahverdi
29 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Десетици илјади Американци во Вашингтон маршираа во сеќевање на историскиот „Марш кон Вашингтон“ и познатиот говор на Мартин Лутер Кинг Јуниор, што го одржа во 1963 година, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во 1963 година се одржа протест за „работа и слобода“, кој до денес се смета за еден од најголемите досега одржани протести во САД, чија цел беше борбата за човековите права. Водачот на движењето за граѓанските права, Мартин Лутер Кинг јуниор, тогаш го одржа легендарниот говор „Имам еден сон“.
Илјадници луѓе присуствуваа на положувањето венци на споменикот на Мартин Лутер Кинг. Тие покажаа силна реакција против расизмот и полициското насилство низ целата земја.
Активистите за човекови права го критикуваа прејудицираниот однос на агенциите за спроведување на законот во целата земја кон црнечката заедница и малцинските групи. САД последниве месеци беа средиште на масовни протести поради полициското насилство врз Афроамериканците.
Мартин Лутер Кинг во 1963 година го одржа својот познат говор во кој зборуваше за желбата за иднина во која црнците и белците, меѓу другите, хармонично ќе коегзистираат како еднакви.
Тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1964 година, како еден од најмладите добитници. Тој беше убиен на 4 април 1968 година, додека стоеше на балконот во мотелска соба во Мемфис, во американската сојузна држава Тенеси.
Мартин Лутер Кинг се смета за најважната личност во движењето за човекови права и за ставање крај на сегрегацијата и другите дискриминации во САД.