Michael Hernandez
11 Август 2016•Ажурирај: 12 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Околу 45.000 борци на терористичката организација ДАЕШ се убиени во Сирија и во Ирак откако коалицијата предводена од САД, пред две години ги започна бомбардирањата за да ја уништи групата, изјави вчера американскиот генерал Шон Мекфарланд, генерал кој ги води акциите, јавува Anadolu Agency (AA).
Мекфарланд од Багдад за медиумите изјави дека само во последните 11 месеци, убиени се 25.000 борци.
„Кога на оваа бројка ќе се додадат уште 20.000 претходно убиени, тоа се 45.000 непријатели помалку на бојното поле“, изјави Мекфарланд преку Скајп.
Тој посочи дека ДАЕШ сега брои меѓу 15.000 и 30.000 луѓе и дека бројот на борците на фронтот е намален.
„Не се работи само за падот на бројноста, туку и на квалитетот. Гледаме дека не делуваат ни приближно ефективно како досега, па за нас се полесна цел“, изјави американскиот генерал.
САД проценуваат дека ДАЕШ изгуби околу 25.000 квадратни метри територија во Сирија и во Ирак, којашто претходно беше под нивна контрола. Тоа е околу половина од територијата што претходно ја контролираа во Ирак, а 20 отсто од територијата во Сирија.
Ирачките сили, поддржани од страна на коалицијата, подготвуваат голема офанзива за повторно освојување на Мосул, кој припадниците на ДАЕШ го освоија во 2014 година.
„Повторното освојување на Мосул е почетокот на крајот на ДАЕШ“, изјави Мекфарланд.