Berk Kutay Gökmen
19 Мај 2026•Ажурирај: 19 Мај 2026
Во обид да се избегне натамошен конфликт, САД и Иран минатата недела разменија неколку предлози и контрапредлози, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални претставници, пренесува Анадолу.
Американскиот претседател Доналд Трамп не бил задоволен од претходниот предлог на Иран во врска со ограничувањата за нуклеарно збогатување и дека се стремел кон договор со поголеми ограничувања, се наведува во веста.
Во претходните рунди преговори САД предложија да му се забрани на Иран да збогатува ураниум во период од 25 години. Во веста се вели дека Иран го одбил тој предлог, додавајќи дека во подоцнежната понуда од САД се барало 20-годишна забрана за збогатување, што Иран, исто така, го одбил.
Во веста се додава дека во текот на последните преговори Вашингтон навестил можно ублажување на санкциите за извозот на иранска нафта, под услов Техеран да ја прекине поддршката за своите прокси-групи во регионот.
Како што пренесува медиумот, најновите предлози сугерираат дека Техеран би можел да се согласи на трансфер на дел од резервите со збогатен ураниум надвор од земјата. Сепак, се посочува дека двете прашања се далеку од финализирани и дека нивното решавање во голема мера ќе биде условено од другите аспекти на сеопфатниот договор.
Вчера Трамп изјави дека одлучил да го одложи продолжувањето на нападите врз Иран бидејќи неколку земји од регионот го информирале дека, според нивни верувања, договорот за целосен прекин на војната е блиску до финализирање.
Како што изјави тој, барањето за одложување на воените дејства пристигнало од лидерите на Саудиска Арабија, Катар, ОАЕ и други ненаведени земји од регионот, со образложение „дека се на чекор до склучување конечен договор“.
„Аксиос“ пренесе дека Трамп телефонски разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати во 24-те часа пред неговата објава, додавајќи дека арапските лидери му порачале на Трамп дека не сакаат нивните нафтени и енергетски капацитети да претрпат штета како резултат на иранска одмазда.
Тензиите во регионот ескалираа откако САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, што предизвика одмазднички напади од страна на Техеран и нарушувања во пловидбата низ Ормускиот Теснец.
Договорот за прекин на огнот со посредство на Пакистан стапи на сила на 8 април, но преговорите што се одржаа во Исламабад не успеаја да обезбедат траен договор. Подоцна примирјето е продолжено од страна на Трамп без да се прецизира краен рок.
Од 13 април САД спроведуваат поморска блокада насочена кон иранскиот поморски сообраќај по стратегискиот воден коридор.