Mustafa Keleş
01 Декември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
ЊУЈОРК (АА) – Обвинителството објави дека нема да му се суди на полицаецот што го уби Афроамериканецот Кит Ламонт Скот, јавува Anadolu Agency (AA).
Регионалното обвинителство донесе одлука за полицискиот службеник Брентли Винсон, кој во градот Шарлот, Северна Калифорнија, го уби 43-годишниот Скот, настан поради кој со денови се одржуваа протести.
Обвинителот Ендру Муреј, на прес-конференција за новинарите рече дека постапувањето на Винсон е во согласност со законите и дека против полицаецот нема да биде поднесено обвинение, како и дека не гледа потреба за судење.
Муреј пренесе дека настанот се случил кога полицајците забележале дека во автомобилот на Скот има наркотични стедства и сакале да го испрашуваат. Но кога Скот излегол од автомобилот со оружје во рацете и не ги почитувал наредбите, полицијата отворила оган на него.
Обвинителот Муреј изјави дека наводите на семејството оти Афроамериканецот Скот не носел оружје, не ја одразуваат вистината и дека сопственикот на продавницата каде што Скот го купил оружјето дал исказ за тоа. Исто така, тој додаде дека на безбедносните камери се гледа дека Скот носи оружје со себе.
Семејството на Скот е разочарано поради оваа одлука, и рекоа дека единствено сакаат полицаецот да увиди дека направил грешка.
По настанот на 20 септември, во Шарлот со денови се одржуваа протести предводени од активистите „И животот на Афроамериканците е важен“ (Black Lives Matter). Поради опасноста протестите да се претворат во насилни, гувернерот прогласи вонредна состојба.