Michael Gabriel Hernandez
16 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) изразија оптимизам дека тековниот спор помеѓу Туркије и Финска и Шведска ќе биде решен, во врска со кандидатурите на нордиските земји за членство во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сѐ уште сме оптимисти дека овие прашања ќе можат да се решат и дека Финска и Шведска ќе можат да се приклучат на НАТО“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, за новинарите во Белата куќа.
„Знаеме дека и двете земји директно соработуваат со Туркије за да се обидат да ја решат оваа загриженост. И јас мислам дека во овој момент подобро е да ги оставиме нив како суверени нации да го сторат тоа“, рече тој.
Изјавите дојдоа откако турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рече дека документите испратени од Финска и Шведска во врска со нивните кандидатури за членство во НАТО не ги исполнуваат очекувањата на Анкара, додавајќи дека турските власти ги информирале Стокхолм и Хелсинки, како и НАТО за недостатоците.
Земјите аплицираа за да се приклучат на НАТО на 18 мај, одлука поттикната од руската војна во Украина.
Но Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации како што се ПКК и ФЕТО. За пристап во НАТО е потребно едногласно одобрение од сите 30 земји членки на Алијансата.
Кон крајот на мај, Туркије беше домаќин на консултации со шведските и финските делегации за нивните апликации за членство во НАТО во главниот град Анкара. Ердоган тогаш рече дека разговорите не биле „на посакуваното ниво“.