Ekipa
16 Јуни 2022•Ажурирај: 17 Јуни 2022
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги денеска го посетија предградието на Киев, каде што пристигнаа да ја пренесат пораката за европското единство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на трите најголеми европски економии пристигнаа во Киев со ноќен воз, а по пристигнувањето во главниот град на Украина, француското претседателство објави дека Макрон вели: „Испраќаме порака за европско единство до жените и мажите од Украина.“
По пристигнувањето, Макрон, Драги и Шолц го посетија Ирпин во регионот на Киев. Градот беше силно бомбардиран во првите недели од Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари.
Во таа пригода Макрон го пофали херојството на Украинците кои се бореа против Русите за да ги спречат да се приближат до главниот град.
„Тука, меѓу другото, Украинците ја спречија руската војска да влезе во Киев. Ова го претставува херојството на Армијата, но и на украинското население. Покрај тоа, видливи се траги на варварство“, рече Макрон.
Тројцата лидери денеска во Киев ќе се сретнат и со украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Посетата на тројцата европски лидери дојде еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден најави дополнителен пакет воена помош од 1 милијарда долари.
Повеќе од 4.452 цивили се убиени во Украина откако Русија започна војна против земјата на 24 февруари. Во исто време, повеќе од 14 милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, вклучително и околу 7,5 милиони кои побегнале во други земји, според Обединетите нации (ОН).