Hakan Çopur
04 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
ВАШИНГТОН (AA) - Соединетите Американски Држави (САД) ги запреа сите билатерални контакти со Москва во врска со Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Стејт Департментот вчера соопшти дека американската администрација донела одлука за суспензија на билатералните контакти во врска со постигнатата Спогодба за прекин на огнот во Сирија.
Гласноговорникот на Стејт Департментот, Џон Кирби, изјави дека САД го суспендирале учеството во билатералните контакти со Русија во врска со Договорот за примирјето во Сирија.
„САД го прекинуваат учеството во билатералните контакти со Русија во врска со договорот за примирје", рече Кирби, додавајќи дека таквата одлука не беше ниту малку едноставна.
Напоменувајќи дека САД направиле сè за да се намали насилството во Сирија и да биде доставена хуманитарната помош на загрозените жители.
Исто така истакна дека американската администрација направила големи напори во борбата против ДАЕШ и Ал-Каеда.
Во соопштението се додава дека Русија била безуспешна во извршувањето на своите обврски во врска со спроведувањето на хуманитарното право во Сирија.
Се наведува дека власта во Москва не успеала, поради непостоење желба или поради немање доволно сила, да го убеди сирискиот режим да го почитува Договорот за примирје.
На крајот се додава дека руските сили и силите на сирискиот режим продолжиле да ги користат воените методи додека изведувале бомбашки напади врз цивили, врз болници и инфраструктурни објекти, вклучувајќи го и хуманитарниот конвој на 19 семптември.
Вашингтон порача дека го повлекле целиот персонал кој требало да учествува во организирањето на заедничкиот Центар за имплементација.
Се наведува дека, сепак, ќе биде продолжена комуникацијата со Русија за да се гарантира сигурност на американскиот персонал во регионот за да не дојде до судири меѓу двете земји во Сирија.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, утрово изјави дека спогодбата меѓу Русија и САД се наоѓа во состојба на суспензија, поради, како што рече „нејасниот став на администрацијата во Вашингтон".