Bedrudin Brlyavac
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
РИМ (АА) - Министерот за внатрешни работи Матео Салвини коментирајќи за кризата во однос на бродот со мигранти кој се наоѓа во меѓународните води меѓу Италија и Малта, порача дека не сака Италија да се претвори во „голем бегалски камп“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Спасувањето животи на море е должност, но претворањето на Италија во голем бегалски камп не е“, напиша Салвини денес на профилот на Фејсбук.
Тој, исто така, рече дека Италија веќе нема да ги слуша наредбите на другите.
Во меѓувреме, додека Малта ја обвинува Италија дека ги крши меѓународните норми затоа што наредила бродот со 629 мигранти да остане на море, градоначалниците на Барселона и Валенсија ги понудија своите пристаништа за прифаќање на бродовите.
Премиерот на Малта, Јозеф Мускат, рече дека одбивањето на Италија да дозволи бродот „Aquarius“ да се усидри во италијанското пристаниште, ги довело во опасност сите што се на бродот.
Медицинските работници на бродот во Италија велат дека храната на бродот ќе ја снема до крајот на денот.
Марко Бертото, од организацијата „Лекари без граници“, во понеделникот за италијанската државна телевизија изјави дека некои од 629 мигранти имаат вода во белите дробови по падот во Средоземното Море од чамецот на шверцерите.