Ömer Tuğrul Çam
14 Јуни 2021•Ажурирај: 14 Јуни 2021
БРИСЕЛ
Лидерите на земјите на Северноатлантскиот сојуз (НАТО) се собираат денес на Самитот што се одржува со зајакнати безбедносни мерки во седиштето на организацијата во Брисел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателите и премиерите на 30 членки на НАТО за време на Самитот ќе разговараат за низа теми и ќе одржат низа билатерални средби и тоа со почитување на мерките за борбата против пандемијата на Ковид-19.
Челниците на НАТО ќе разговараат и ќе донесат одлуки што би можеле да бидат водилка на таа организација за наредните десет години, а првенствено тоа ќе бидат теми од стратешкиот концепт на НАТО, подемите на Русија и Кина, влијанието на климатските промени врз безбедноста, киберзаканите, опасните технологии и завршувањето на мисиите во Авганистан.
Последниот Самит на лидерите на НАТО е одржан во декември 2019 година во Велика Британија.
По повод денешниот Самит, многу улици во Брисел се затворени за сообраќај и се преземени строги мерки на безбедност околу седиштето на НАТО, хотелот и покрај улиците по кои ќе се движат лидерите и делегацијата.
Повеќе од 2.000 белгиски полицајци се задолжени за безбедноста, а изменет е и редот на возење и линиите на градскиот превоз во одредени делови на Брисел.
Во седиштето на НАТО се преземени и епидемиолошки мерки со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Сите членови на делегацијата се подложени на правење ПЦР-тест. Сите вработени во седиштето на НАТО во текот на изминатите недели примија вакцини против коронавирусот, а вакцините ги донираше Полска. Започнувајќи од март, полските медицински работници вакцинираа речиси 3.500 вработени во НАТО.
Од персоналот што ќе престојува во седиштето на НАТО е побарано да користи и специјални заштитни маски FFP2. При влезот во комплексот, чуварите се задолжени да мерат телесна температура на персоналот.
Самитот на лидерите на НАТО во Брисел го следат речиси 600 новинари од различни делови на светот. Претходно Самитот го следеа значително поголем број новинари, но поради пандемијата е редуциран бројот на новинарски акредитации. И новинарите се подложени на ПЦР-тестирање, а за време на престојот во седиштето на НАТО ќе носат заштитни маски FFP2.