Ekip
13 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
ТРЕНТОН (AA) - Саудиската тинејџерка, која неодамна избега во Тајланд, тврдејќи дека е изложена на злоставувње во рамките на семејството, а која потоа доби азил во Канада, допатува вчера (сабота) во канадскиот град Торонто, јавува Anadolu Agency (AA).
Рахаф Мухамед ал Кунун допатува на Меѓународниот аеродром во Торонто, при што на себе носеше маица со натпис „Канада“. На аеродромот ја дочекаа новинари и министерката за надворешни работи на Канада, Кристиа Фриланд.
Ал Кунун избегала додека била на одмор во Кувајт, каде што со авион отпатувала за Тајланд. Минатата сабота е запрена во Банкок при обид да фати лет за Австралија.
Таа потоа се затвори во хотелска соба на аеродром во Банкок, од каде што започна да пишува пораки преку социјалната мрежа Твитер. Меѓу другото, побара азил во некоја друга земја.
Сурачате Хакпарк, шефот на Службата за имиграција на Тајланд, потоа изјави дека Ал Кунун доби азил во Канада и дека со летот на „Korean Air“ во петок навечер ќе отпатува од Банког во Сеул, а потоа во Канада.
Младата Саудијка, по доаѓањето во Торонто, на аеродромот одби да одговара на новинарски прашања, а канадската министерка Фриланд рече дека Ал Кунун е на пат кон својот „нов дом“ и дека одби да одговара на новинарски прашања, бидејќи е исцрпена.
Фриланд ја нарече „многу храбра нова Канаѓанка“.
Се претпоставува дека прифаќањето на тинејџерката би можело дополнително да ги заостри односите на Саудиска Арабија со Канада.