Alma Çekovic
08 Март 2016•Ажурирај: 09 Март 2016
БЕРЛИН (АА) - Во Германија, во февруари се регистрирани повеќе од 61.000 баратели на азил, што е за една третина помалку отколку во претходниот месец, објави Министерството за внатрешни работи на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за внатрешни работи на Германија, се вели дека бројот на баратели на азил во февруари се намалил на 61.428 од 91.000 колку што беа регистрирани во јануари.
Меѓу новодојдените бегалци во Германија во февруари, најбројни биле Сиријците, 24.612, а по нив следуваат Ирачаните, Авганистанците, Иранците и Сомалијците.
Министерството вели дека сите новодојдени бегалци не поднеле барање за азил и дека само на одреден број ќе им биде дозволено да останат, откако Германија објави дека ќе ги врати сите економски мигранти, кои не доаѓаат од земјите зафатени со војна.
Министерството за внатрешни работи на Германија не даде објаснување за причините на таквиот значителен пад на бројот на бегалци.