Ekipa
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ИДЛИБ (АА) - Сведоците на ужасниот напад што вчера во Идлиб го извршија силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, тврдат дека во раните утрински часови кога се случи нападот, повеќето жртви спиеле, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на сирискиот режим вчера извршија четири воздушни напади во Хан Шејхун, во провинцијата Идлиб, а во нападот беа користени ракети со хемиски гасови. Загинаа речиси 100, а беа повредени повеќе од 500 луѓе.
Како резултат на токсичните гасови, во погодениот регион настрада и голем дел од стоката.
Жртвите ја добија првата помош од страна на невладините организации и од локалната цивилна одбрана, кои со ладна вода ги полија лицата затруени од гасот.
И новинарската екипа на АА успеа да стигне до погодениот регион и на првите снимки од таа област се гледаат вознемирувачки слики од безживотни тела кои лежат во урнатините на куќите и на улиците.
Кратко време по нападот со хемиски гасови, воздухопловните сили на сирискиот режим ја бомбардираа и локалната болница, во која беа донесени ранетите.
Хамид Кутејне, активист на локалната цивилна заштита, беше меѓу првите што пристигнаа на местото на злосторот и за АА рече дека четири ракети, од кои една со хемиски гасови го погодиле местото, каде што поголемиот дел од локалното население спиело бидејќи нападот беше извршен во раните утрински часови.
„Со хемиските гасови беа затруени повеќе од 250 луѓе. И членовите на спасувачките екипи кои пристигнаа на местото имаа последици од вдишувањето на овие гасови. Цивилите ги превезовме до болниците надвор од регионот. Најчесто луѓето се задушуваа и имаа нервни напади“, рече Кутејне.