İdiris Okuduci
12 Ноември 2021•Ажурирај: 12 Ноември 2021
БЕЈРУТ (АА) - Директорот на Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации (ОН), Дејвид Бисли, истакна дека планираат да обезбедат помош од 60 до 65 милиони долари за 800.000 граѓани во Либан, кој е во сериозна економска криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според либанската официјална новинска агенција ННА (NNA), либанскиот претседател Мишел Авн, ги прими Бисли и неговата делегација во палатата „Баабда“ во главниот град Бејрут.
Бисли истакна дека Светската програма за храна е решена да продолжи со испораката на помош во Либан и дека планираат да обезбедат помош за вкупно 800.000 Либанци во рок од два месеци.
Наведувајќи дека помошта ќе биде во готовина од 60 до 65 милиони долари, Бисли рече дека распределбата ќе биде извршена со координација на либанската Влада и Светската банка.
Либанскиот претседател Авн истакна дека според студиите спроведени од ОН, 74 отсто од населението во земјата живее на границата на гладот, а доколку се погледне од поширока перспектива, оваа стапка би можела да надмине 82 отсто.
Осврнувајќи се на значењето на помошта обезбедена од Светската програма за храна, претседателот Авн рече дека доколку се продолжи со програмата, вкупно 1.600.000 Либанци ќе имаат корист од помошта до мај 2022 година.
Поради економска криза во Либан која трае од 2019 година, локалната валута изгуби повеќе од 90 отсто од својата вредност. Според неофицијални податоци има инфлација од околу 700 отсто во последните две години.
Соопштено е дека вработените во јавниот сектор на 4 ноември започнале штрајк на неопределено време, барајќи подобрување на нивните плати.
Во моментов, голем дел од вработените во јавниот сектор доаѓаат на работа само во среда, додека другите денови министерствата не можат да даваат услуги поради штрајкот, освен за итни случаи.