Amir Latif Arain
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
Се очекува САД и Иран следната рунда директни преговори да ја одржат во Доха третата недела во јули, со цел да се унапреди спроведувањето на Меморандум за разбирање од Исламабад, изјавија денес за Анадолу извори од пакистанската Влада.
Преговорите ќе се фокусираат на ситуацијата во Либан и во Ормускиот Теснец, соопштија изворите.
„Пакистанските и катарските посредници се во постојан контакт со двете страни за да се продолжат директните преговори, со цел решавање на сите отворени прашања“, изјави извор близок до процесот на посредување.
Вашингтон е подготвен за разговори, а Техеран, исто така, пренесе „позитивен“ одговор, додаде изворот.
„Иран навести продолжување на преговорите по погребот на (убиениот лидер) Сајед Али Хамнеи“, рече изворот.
Министерството за надворешни работи на Пакистан денес соопшти дека страните се согласиле да продолжат со дискусиите во претстојниот период, при што следниот состанок ќе биде закажан во „најскоро можно време“ по погребот на Хамнеи.
- Нема разговори за нуклеарното прашање -
Пакистанските и катарските посредници денес во Доха одржаа одвоени средби со американските и иранските преговарачи, постигнувајќи „позитивен“ напредок за прашањата поврзани со спроведувањето на Меморандумот за разбирање од Исламабад, надградувајќи ги дискусиите од минатомесечниот самит на езерото Луцерн во Швајцарија.
Во последните индиректни преговори иранската страна им пренела на пакистанските и катарските посредници дека Техеран нема целосно да го отвори Ормускиот Теснец сè додека не се исполни „најважната“ точка од Меморандумот од Исламабад, што се однесува на прекин на огнот на сите фронтови и повлекување на израелските трупи од Јужен Либан, велат изворите.
Иранската страна, исто така, им посочила на посредниците дека Техеран нема да води никакви разговори за нуклеарното прашање сè додека не бидат „целосно“ решени прашањата поврзани со Либан и замрзнатите средства.
Според иранската страна, одлучено е двете прашања да се решат пред почетокот на преговорите за нуклеарното прашање.
За ставот на САД, изворите наведуваат дека Вашингтон бил на мислење дека спроведувањето на веќе решените прашања и разговорите за отворените прашања треба да „одат заедно“.
„Американскиот став беше дека веќе решените прашања не смее да се преклопуваат со нерешените“, рече изворот.
Сепак, Иран не се согласил со ставот на американската страна, додаде изворот.
Во однос на прашањето за замрзнатите средства, според изворите, двете страни постигнале „одреден напредок“.
„Иран сака итно ослободување на неговите 6 милијарди долари што се чуваат во Катар, а САД во принцип се согласија на барањето, но инсистираа средствата да се ослободуваат во транши и под услов за спроведување на меморандумот за разбирање“, истакна изворот.
Двете страни, сепак, се согласија дополнително да разговараат за ова прашање во следната рунда преговори, наведуваат изворите.