Elena Trenchevska Chekovic,Fatjon Cuka,Agim Sulaj
26 Мај 2025•Ажурирај: 27 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) - Палестинско девојче преживеа израелски воздушен напад врз училиште утрово во градот Газа, каде што беа засолнети раселени цивили, излегувајќи живо од пламенот што ја уништи зградата, јавува Анадолу.
Најмалку 49 Палестинци се убиени во два израелски воздушни напада врз училиште во кое се сместени раселени лица и дом во градот Газа и во Џабалија, Северна Газа.
Очевидци ги опишаа сцените на хаос додека пламените јазици проголтуваа делови од училиштето „Фахми ал-Џирџави“, принудувајќи ги преживеаните панично да бегаат.
Меѓу преживеаните беше и 7-годишната Верд ал-Шеик Халил, која беше видена како станува од урнатините покриена со прав и пепел.
„Немаше каде да се скрие“, рече нејзиниот чичко Ејад Мохамед ал-Шеик Халил, додавајќи дека: „Чудо е што е жива.“
На интернет кружат видеа направени од очевидци, на кои се гледаат изгорени тела, многу од нив деца, како и луѓе што плачат додека пламените јазици ја проголтуваат нивната околина.
„На местото се гледаа трупови и се слушаше врескотот на раселените лица зафатени од пламен“, се вели.
Во соопштението израелската армија го потврди нападот, тврдејќи дека Хамас го претворил засолништето во „команден и контролен центар“. Но не обезбеди никакви докази што го поддржуваат тоа тврдење.
Израелската армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени повеќе од 53.900 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.