АНКАРА (АА) - Мухамед Икбал Арслан
Тврдењата за случаи на сексуална злоупотреба и малтретирање на децата кои последните години во Католичката црква се сѐ побројни, станаа еден од најважните проблеми на католичкиот центар Ватикан.
Голем број свештеници и кардинали, кои се на должност во САД, Европа и Австралија, во последно време се обвинети или како педофили кои вршат сексуална злоупотреба и малтретирање на децата или дека се обидуваат да ги прикријат таквите случаи во подрачјата во кои се на должност.
Ова прашање дојде на дневен ред особено по приведувањето на кардиналот Џорџ Пел, кој се наоѓа на позиција во Католичката црква, веднаш зад папата и поранешниот архиепископ на Вашингтон, Теодор Мекерик, кој беше исклучен од свештенството.
Во судски процеси, сметка пред судовите полагаат голем број верски лица на Католичката црква, кардинали и свештеници, поради вмешаноста или молчењето поврзани со обвинувањата за сексуална злоупотреба.
Обвинувањата за вознемирување од страна на свештениците на Католичката црква за првпат на дневен ред дојдоа во 1950-тите години. Медиумите за првпат во 1980-тите години им отстапија поголем простор на случаите на сексуално вонемирување во католичките цркви во Канада и САД.
Случаите на педофилија во црквите во Аргентина и Австралија во 1990-тите години отворија пат за уште поголемо внимание на светската јавност кон ова прашање. Тогашната оставка на архиепископот на Виена, поради тврдењата за сексуална злоупотреба во 1995 година, предизвикаа вистински шок.
Со избивањето на скандалот за злоупотреба на децата во црквите во Ирска кон крајот на 1990-тите години, проблемот за сексуалната злоупотреба во црквите започна да добива глобални димензии.
- Скандалите на педофилија во црквите се преселија на филмското платно
Скандалот за сексуална злоупотреба што изби во американскиот град Бостон во 2002 година, откри дека поранешниот свештеник Џон Геоган, во периодот од 1962 до 1995 година извршил сексуална злоупотреба на повеќе од 130 деца.
Иако настанот беше откриен, тогашниот регионален кардинал Бернард Лоу го прикри скандалот, за што беше критикуван.
Весникот „Бостон глоуб“ („Boston Globe“), кој го расветли настанот во јавноста, стана тема на филмот „Рефлектор“ („Spotlight“), прикажан во 2015 година, а темата на филмот предизвика голем одек во јавноста.
Според истражувањето спроведено од страна на колеџот „Џон Џеј“, кој е дел од Конференцијата на католичките архиепископи во САД, во периодот од 1950 до 2002 година, повеќе од 4.000 католички свештеници се обвинети за сексуална злоупотреба на 10.667 деца.
- Приведен кардиналот Пел
Со излегувањето на виделина на скандалите за злоупотреба, кои се однесуваат и на случаи извршени во минатото, продолжуваат судските процеси против свештениците, заземајќи едно од главните места во светската агенда.
Дел од судските процеси на сексуална злоупотреба, кои во светските медиуми заземаат голем простор, продолжуваат до донесување конечна одлука.
Еден од најактуелните случаи на злоупотреба во црквите е појавувањето пред Регионалниот суд во Мелбурн на австралискиот кардинал Пел, функционер и во Министерството за економија на Ватикан, кој во периодот од 1996 до 2001 година ја извршуваше должноста на архиепископ на Мелбурн.
По одлуката за поведување судска постапка, 77-годишниот Пел со кауција е пуштен да се брани од слобода, но подоцна Судот ја поништи оваа одлука, по што е одредено, до следното рочиште, закажано за 13 март 2019 година, тој да биде во притвор.
По објавувањето на судската одлука, портпаролот на Ватикан, Алесандро Џисоти, информираше дека Пел повеќе не е на функцијата во Министерството за економија на Ватикан.
Поротата во Судот, на 12 декември 2018 година донесе одлука дека кардиналот Пел во декември 1996 година и во февруари 1997 година, додека ја извршувал функцијата архиепископ на Мелбурн во катедралата „Св. Патрик“, извршил злоупотреба врз две момчиња кои тогаш имале по 13 години.
- Американскиот кардинал е исфрлен од работа
Друг случај на педофилија кој во последно време ги бранува медиумите е случајот на свештеникот Теодор Мекерик, поранешен архиепископ на Вашингтон, кој пред две недели е исклучен од свештенството.
Во соопштението што го објави Ватикан се вели дека американскиот државјанин Мекерик е исклучен од свештенството, бидејќи во периодот додека ја извршувал својата функција, му предложил врска на едно лице кое се исповедало и извршил сексуална злоупотреба врз деца и возрасни.
Во соопштението се наведува дека на Мекерик (88), кој по пензионирањето се сместил во еден манастир во американската сојузна држава Канзас, по одлуката за исклучување од свештенството, повеќе нема да му биде дозволено да учествува на верски церемонии и свети обреди.
И во Франција продолжуваат судските процеси против католичките свештеници поради педофилија.
Сѐ уште е во тек судскиот процес против Филип Барбарин, кардинал на Католичката црква во Лион, поради тврдењата дека ги прикривал малтретирањата и сексуалната злоупотреба, како и уште против шест свештеници.
Свештениците пред судот одговараат за случаите на малтретирање и обидот за нивно прикривање, извршени во периодот од 1989 до 1991 година.
- „Папата на иднината“ е обвинет за вознемирување
Еден од највисокорангираните кардинали на Католичката црква, Освалд Грациас, архиепископот на Мумбај, кој е познат и како „Папа на иднината“, исто така е обвинет поради инертноста и нереагирањето на случаите за сексуална злоупотреба на децата во црквите во кои бил на должност.
Грацијас, кој беше еден од четворицата кои во неделата во Ватикан ја организираа Конференцијата на тема „Сексуална злоупотреба на децата“, критикуван е бидејќи не ја обезбедил потребната финансиска поддршка за децата кои биле жртва на сексуално малтретирање.
Лицата кои биле жртви на сексуално малтретирање, велат дека ситуацијата му ја предочиле на кардиналот Грациас, но тврдат дека тој тоа не го сфатил сериозно.
- Самит за „злоупотреба на децата“ во Ватикан
Со цел изнаоѓање на решение за сексуалната злоупотреба, кој е еден од најголемите проблеми со кои се соочува Католичката црква во модерното време и чија најголема жртва се децата, во Ватикан од 21 до 24 февруари се одржа Самит на тема „Заштита на децата во црквите“, на кој учествуваа претставници на католичките цркви од сите делови на светот.
Самитот во Ватикан имаше големо значење, бидејќи во последно време многу често се појавуваат случаи за сексуална злоупотреба и малтретирање од страна на свештениците на Католичката црква.
Папата Франциско, духовниот лидер на католичкиот свет и претседател на Ватикан, во своето обраќање на затворањето на Самитот, рече „Ниту една сексуална злоупотреба не треба да се прикрие или потцени. Уште посериозно и скандалозно е што оваа ужасна рана е во црквата. Би сакал да истакнам дека доколку постои и само еден таков случај во црквата, кон него ќе се оди со голема сериозност.“
- Извештај објавен во САД
Јавниот обвинител на американската сојузна држава Пенсилванија, Џош Шапиро, минатата година во август соопшти дека по двегодишна истрага дошле до сознание дека високи црковни претставници од Пенсилавнија и Ватикан, „систематски“ ги прикривале случаите поврзани со сексуалната злоуотреба на децата.
Поротата за истрага соопшти дека повеќе од 300 свештеници, од средината на 1950-тите години досега, вршеле злоупотреба на децата, обвинувајќи стотици свештеници на Римокатоличката црква за сексуална злоупотреба на повеќе од 1.000 деца.
Лиса Мадиган, јавен обвинител на американската сојузна држава Илиноис, во минатомесечниот извештај ги објави имињата на повеќе од 500 свештеници кои се обвинети за сексуална злоупотреба во црквата, при што на листата не се најде името на бискупот на Католичката црква на подрачјето на Илиноис.
По извештајот дека повеќе од 1.000 деца биле жртва на сексуална злоупотреба во црквите и дека таквите случаи биле прикриени од страна на црковните функционери, подрачјата на архиепископиите во САД продолжуваат да ги објавуваат имињата на свештениците што извршиле злоупотреба.
- Објавени имињата на повеќе од 100 свештеници насилници
Архиепископијата на Бруклин, која е одговорна за подрачјата Бруклин и Квинс во Њујорк, во кои живеат околу 1,5 милион католици, ја објави листата на повеќе од 100 свештеници кои извршиле сексуална злоупотреба на деца во црквите.
Обединетите нации во 2014 година објавија извештај за случаите на сексуална злоупотреба и малтретирањето во католичките цркви.
Во извештајот е обвинет Ватикан дека ги прикрил тврдењата за сексуална злоупотреба од страна на свештениците кои се дел од Католичката црква, замижувајќи пред случаите во кои десетици илјади деца биле жртва на злоупотреба.
news_share_descriptionsubscription_contact
