Ekip
04 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
СЕУЛ (АА) - Јужна Кореја ги уверува САД дека увертирата за најавениот дијалог со Северна Кореја нема да влијае врз односите меѓу двете сојузнички земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
За време на состанокот со клучните претставници на Вашингтон, јужнокорејската министерка за надворешни работи Канг Кјунг-ва инсистираше дека тие треба да останат во близок контакт.
„Каков било дијалог со Пјонгјанг не е можно да се случи одделно од нашите заеднички напори за справување со нуклеарните и ракетните закани на Северна Кореја“, му соопшти Канг на американскиот амбасадор Марк Кнапер и на командантот на американските сили во Јужна Кореја, генералот Винсент К. Брукс, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Додека Јужна Кореја од следниот месец се труди да обезбеди одвивање на мирни Зимски олимписки игри и Параолимпијада во Пјонгчанг, Северна Кореја, пак, од друга страна останува непријателски расположена кон САД - заканувајќи се повторно оваа недела дека, доколку е потребно, ќе започне нуклеарен напад врз американското копно.
Војската на Јужна Кореја не обрнува големо внимание на наводите на американските медиуми дека првото тестирање на интерконтинентална балистичка ракета од Северна Кореја во 2018 година е неизбежно.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин минатиот месец на САД им предложи дека заедничките воени вежби ќе бидат одложени до завршувањето на Параолимпијадата во март, сѐ додека Северна Кореја се воздржува од провокации.
„Нема активност која води до проценка дека провокациите од страна на Северна Кореја се неизбежни“, изјави за новинарите портпаролот на Генералштабот на здружените сили, армискиот полковник Ро Џае-чеон.