Ekip
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
САНА
Седумдесет и пет отсто од децата во Јемен страдаат од акутна неисхранетост, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во објава на Твитер, ОН објавија дека 16,2 милиони - што претставува повеќе од половина од 30-милионското население на земјата - имаат недостаток од храна.
Минатиот месец, Советот за безбедност на ОН изрази загриженост за лошата хуманитарна ситуација во Јемен, вклучувајќи ја неисхранетоста и зголемениот ризик од глад во големи размери, што се надополнува со лошата економска ситуација.
Во Јемен подолго време владеат судири и политичка нестабилност помеѓу владините сили и Хусите, кои се поддржани од Иран.
Хусите од септември 2014 година под своја контрола имаат повеќе подрачја во земјата, меѓу кои јеменскиот главен град Сана, додека коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на јеменската Влада против Хусите.
Според ОН, 80 проценти од населението во Јемен, каде што се доживува една од најголемите хуманитарни кризи во светот, имаат потреба од хуманитарна помош и заштита.