Ömer Erdem
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
КАРТУМ
Централниот комитет на лекари на Судан соопшти дека бројот на загинати во демонстрациите одржани како одговор на интервенцијата на војската во цивилната влада се искачи на 23, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Комитетот се наведува дека уште 2 лица кои биле застрелани во главата и вратот за време на големите демонстрации на 13 ноември во главниот град Картум ги загубиле своите животи.
Истакнато е дека бројот на лица што ги загубија животите како резултат на интервенцијата на безбедносните сили во демонстрациите во саботата во главниот град се зголемил на 7 лица, од кои 3 се деца. Исто така, во демонстрациите повредени се 215 лица, од кои 112 со вистински куршуми.
Според Комитетот, бројот на загинати како последица на интервенцијата на безбедносните сили врз демонстрациите низ целата земја е 23.
- Воена интервенција во Судан
Во Судан, утрото на 25 октомври премиерот Абдулах Хамдук и голем број политичари беа приведени. Наредниот ден беше објавено дека Хамдук е ослободен.
Хамдук, кој беше разрешен по воената интервенција, истакна дека има обврска да ја врати ситуацијата како пред 25 октомври без да се вклучи во никаков дијалог со Армијата.
Командантот на суданската Армија, Бурхан, соопштувајќи дека прогласиле вонредна состојба, рече дека Советот за суверенитет и Кабинетот се распуштени, и дека ќе се формира техничка влада која ќе ги претставува сите сегменти на земјата.
Бурхан со декретот што го објави го обнови Советот за суверенитет (Државно претседателство), што претходно го распушти. Себеси се назначи за претседател на Советот, додека за негов заменик го назначи командантот на силите за брза поддршка, генерал Мухамед Хамдан Дагалу.
Бурхан положи заклетва на 11 ноември, додека Дагалу и 8 членови на Советот положија заклетва на 12 ноември.
Во Советот, каде што учествуваа претставници од секој регион, 6 од 14 места се резервирани за цивили, 5 за Армијата, а 3 за вооружените движења. Наведено е дека името што ќе го претставува истокот на земјата ќе биде одредено по консултациите.