Ekipa
16 Јули 2019•Ажурирај: 17 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку 9 цивили загинаа, а 14 се повредени во интензивните воздушни напади на режимот на Башар ал Асад во цивилните населби во деескалационата зона во Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Воените авиони на режимот извршија воздушен напад врз подрачјето на Џисир еш-Шугур и Хан Шејкун од покраината Идлиб и селата Маршурин, Хантутин и Ајн ел Барда.
Според првите информации, 9 цивили го загубија животот во Маршурин, а 14 цивили биле повредени во Џисир еш-Шугур.
- Состојбата во деескалационата зона во Идлиб -
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб, поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за деескалациона зона. Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, во периодот од 25 до 26 април годинава се одржа 12. состанок на земјите гаранти за Сирија меѓу Турција, Русија и Иран. Токму во тој период дојде до интензивирање на нападите кое трае и денес.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои припадниците на режимот на Асад и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули во деескалационата зона во Идлиб, загинале 606 цивили, од кои 157 деца и 111 жени.