Mohamad Misto,Ethem Emre Özcan
18 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
ДЕИР ЕЗ ЗОР / АНКАРА (АА) ‒ Американската армија која ја продолжува вооружената обука за терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија, одржа заедничка вооружена вежба во северозападниот дел на покраината Деир ез-Зор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, американските војници изутрината започнале заедничка вооружена вежба со терористите на ЈПГ/ПКК во и околу индустриската зона во пустината Ебу Хашеб во северозападната област на Деир ез-Зор.
Во заедничката вежба, покрај воени авиони и хеликоптери, учествуваат тенкови и оклопни возила.
Во вежбата, во која учествуваат и војници од силите на меѓународната коалиција против терористичката организација ДЕАШ, терористите ќе се обучуваат за користење минофрлачи, артилериски оган и противтенковски ракети.
Американските војници и во декември 2021 година одржаа заедничка вооружена вежба со терористите на ЈПГК/ПКК во пустината Ебу Хашеб.
‒ Претходни обуки за терористите ‒
САД и Франција, кои се дел од коалицијата против терористичката организација ДЕАШ, претходно со различни воени обуки и вежби ги поддржуваа терористите на ЈПГ/ПКК во Хасека и Деир ез-Зор, источно од реката Еуфрат.
Покрај некои американски бази во Хасека, и планината Абдулазис, областа на Спортскиот комплекс и нафтеното поле Омер во Деир ез-Зор се претворени во области за обука.
На претходните обуки терористите се обучувани како да користат оружје, методи на заземање на позициите на терен претходно одредени со беспилотни летала, беа обучувани и за минофрлачки напади, артилериски оган и спречување напади врз бази.
Во Спортскиот комплекс, кој служи како писта за американските хеликоптери во Хасека, исто така се спроведува практична обука за терористите на ЈПГ/ПКК.
Француските војници, кои во Сирија дејствуваат под покровителство на САД, им одржаа артилериска обука на терористите на ЈПГ/ПКК.
Коалициските сили предводени од Соединетите Американски Држави (САД) обезбедија вооружена обука за илјадници терористи на ЈПГ/ПКК од 2015 година.