Ekipa
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
ИДЛИБ (АА) - Руските воени авиони преку интензивните воздушни напади извршени во населените места во границите на деескалационата зона во Идлиб погодија две болници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според опсерваторијата на опозицијата, руските воени авиони извршиле напад врз местата Кефренбил, Бсанкол, Мусибин, Ербаин, Рами и Хас, кои се наоѓаат во Идлиб, и местата Дарет Иза, Етариб и Тукад, кои се наоѓаат во руралното подрачје на Алепо.
Според информациите добиени од Цивилната одбрана, руските воени авиони во бомбардирањата во Дарет Иза, ги погодиле болниците „Фирдевс“ и „Кинана“.
Како резултат на нападот, двете болници не можат да се користат, а повреден е еден чувар на болницата.
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.
Во септември 2018 година, кога силите на режимот ги интензивираа воените активности, Турција и Русија на 17 септември 2018 година во Сочи постигнаа дополнителен договор, со цел зацврстување на примирјето. Кус период владееше примирје, а силите на режимот во мај 2019 година започнаа копнена операција со цел потполно заземање на целиот регион. Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, на 10 мај 2019 година изјави дека поради зголемените напади од страна на режимските елементи јужно од Идлиб, вооружените притисоци започнати на 6 мај преминале во копнена операција.
Од тој период наваму, силите на режимот и неговите поддржувачи преку артилериски и воздушни напади ги зазедоа големите градови Кефренбуде, Хан Шејхун, Мараатинуман, Серакиб и голем број населени места во јужните и југоисточните предели на Идлиб, северните и источните рурални предели на Хама и јужните и западните рурални предели на Алепо.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција во Сочи досега, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили. Од јануари 2019 година, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион 794 илјади.