Ekipa
27 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
ИДЛИБ (АА) - Во последните осум дена, на подрачјето на Идлиб и Алепо, во сириските зони без судири, извршени се воздушни напади на седум болници и шест училишта, јавува Anadolu Agency (AA).
Јужните подрачја на Идлиб и Алепо од 19 септември се под интензивни воздушни напади. Цел на воените авиони се болниците и училиштата.
Со напуштањето на овие установи, локалното население се обидува да се спаси. Во воздушните напади на болниците, извршени во последните осум дена, во подрачјето на Алепо и во Идлиб загинаа тројца цивили.
Цел на воздушните напади се и училиштата, а за време на осумдневното бомбардирање загина и едно лице. Утринава е бомбардирано уште едно училиште на подрачјето на Алепо.
Во напад извршен во јужниот дел на Идлиб, оштетена е и една католичка црква. Локалните извори тврдат дека нападите ги вршат авиони на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Идлиб е сириски град во којшто живеат 2,5 милиони цивили и е под контрола на сириската опозиција. Под иницијатива на Турција и Русија, тој регион е прогласен за неконфликтна зона, но силите на сирискиот режим, по 45 дена пауза, повторно започнаа да извршуваат воздушни напади во тој регион.
Во рамките на шестиот круг на мировните преговори во Астана, делегациите на Турција, Русија и Иран како земји-гаранти на мировниот процес, договорија да се испратат набљудувачки мисии, со цел надзор на имплементацијата на прекинот на судирите во Идлиб.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во понеделникот изјави дека во последните денови се сведоци на руското бомбардирање на Идлиб.
Според неговите зборови, на тоа подрачје постојат и терористички групи, но потребно е да се биде внимателен, поради страдањето на голем број цивили.
Опозицијата во март 2015 година воспостави контрола над Идлиб, кој за време на повеќегодишната војна во Сирија често беше цел на напади од страна на припадниците на режимот на Асад.