Ekipa
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
ИДЛИБ (АА) - Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека во интервенциите на коалициските сили предводени од Соединетите Американски Држави (САД) од септември 2014 година загинале 3.035 цивили, меѓу кои и 924 деца и 656 жени, пренесува Anadolu Agency (AA).
СНХР објави извештај за страдањата на цивилите до кои доведоа коалициските сили на чело со САД, а кои во интервенцијата се вклучија под изговор за борба против терористичката организација ДЕАШ.
„Во нападите кои коалицијата од септември 2014 година ги изврши во Рака и Деир ез Зор, загинаа 3.035 цивили, меѓу кои 924 деца и 656 жени“, се наведува во извештајот.
Се нагласува дека до 32 отсто од цивилните жртви се случиле за време на мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама.
„Нападите за време на претседателот Доналд Трамп се извршени хаотично и без цел“, се наведува во извештајот.
Соопштено е дека во нападите за време на мандатот на Обама се убиени 976 цивили, од кои 194 деца и 294 жени, а во време на мандатот на Трамп 2.059 цивили, од кои 730 деца и 362 жени.
Се додава дека во времето на мандатот на Трамп се извршени пет напади во кои е користен бел фосфор, чија употреба во вид на оружје е забранета.
Извршени се и голем број напади на училишта, џамии, здравствени институции и кампови во Рака и Деир ез Зор.
Споменатите напади предизвикаа раселување на околу 560.000 цивили.