Adham Kako
10 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека 783 цивили загинаа, од кои околу 50 отсто се жени и деца, во 54 масакри извршени минатиот месец, од кои 40 се извршени од страна на режимот на Башар ал-Асад, пренесува Anadolu Agency (AA).
СНХР го објави Извештајот за март 2018 година околу нападите кои ги опишува како масакри, во кои починаа најмалку 5 лица.
Во Извештајот се наведува дека во 54 масакри извршени минатиот месец од страна на Асадовиот режим, на Русија, на терористичката организација ЈПГ/ПКК и од други сили, загинаа 783 цивили, од кои 198 деца и 138 жени.
Според тоа, силите на режимот се наоѓаат на прво место со извршени 40 масакри минатиот месец во Сирија, од кои 39 се извршени во Источна Гута, по кој следуваат Русија со 4 масакри, терористичката организација ЈПГ/ПКК со 2, и другите групи кои се во конфликт во земјата, со 8 масакри.
Според овој извештај, во масакрите на режимот загинаа 620 цивили, од кои 142 деца и 105 жени. Во масакрите извршени од страна на руските сили кои му даваат воздушна поддршка на режимот, загинаа 78 цивили, од кои 41 дете и 14 жени, во масакрите на терористите на ЈПГ/ПКК животот го загубија 17 лица, од кои 5 жени, додека 68 лица смртно страдаа, од кои 15 деца и 14 жени во масакрите на другите групи кои се во конфликт во Сирија.
Во Извештајот на СНХР се нагласува дека потребно е да се врши притисок врз земјите кои даваат поддршка за терористичката организација ЈПГ/ПКК, и се бара да се стави крај на прекршувањата што ги прави оваа организација, но да се стави крај и на поддршката дадена на оваа организација.