Betül Yürük
24 Февруари 2018•Ажурирај: 25 Февруари 2018
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) го одложи гласањето за резолуцијата со која се бара 30-дневен прекин на огнот во Сирија за да се овозможи испорака на хуманитарна помош и медицинска евакуација, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласањето беше одложено откако не беше постигнат договор за усвојување на нацрт-резолуција која ja предложija Шведска и Кувајт.
Постојаниот претставник на Кувајт во ОН, Менсур ал-Отаиби, за новинарите изјави дека досега не успеале да склучат договор за нацрт, и дека планираат денеска во 12 часот по локално време, да ја стават резолуцијата на гласање.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави при Обединетите нации, Ники Хејли, ја обвини Русија за одложување на гласањето за резолуцијата.
„Колку луѓе уште треба да умрат додека Советот за безбедност се договори околу гласањето. Сирискиот народ не може да чека", рече Хејли.
Сепак, Русија во четвртокот објави дека нема да ја поддржи нацрт-резолуцијата за прекин на огнот во Сирија, доколку не бидат прифатени амнадманите кои Москва ги предложи.
Нацрт-резолуцијата бара прекин на огнот на 30 дена во Сирија, со цел да се овозможи испорака на хуманитарна помош и медицинска евакуација. Нацртот се повикува на ефективен прекин на огнот од 72 часа по неговото можно усвојување. Испораката на хуманитарна помош и медицинска евакуација би започнале 48 часа после тоа.
Во интензивните режимски напади извршени во последните три дена загинаа над 300 лица. Покрај тоа, во истиот период беа нападнати 22 медицински центри, џамија и дом за деца. Околу 400.000 цивили живеат во Источна Гута, која се наоѓа под контрола на опозицијата.
Со договор во Астана минатата година, Источна Гута беше прогласена за зона на деескалација на конфликтот. И покрај тоа, режимот на Асад ги интензивираше нападите во последниве месеци.
Кризата во тој регион се зголемува секој ден, а илјадници болни чекаат за евакуација. Голем број деца во Источна Гута починаа поради недостаток на пристап до доволни количини на храна и лекови.
За усвојување на резолуцијата е потребно девет гласови, со тоа што ниту еден од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција не стави вето на нацрт-резолуцијата.