Beyza Binnur Dönmez
23 Јануари 2023•Ажурирај: 24 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на ЕУ го усвоија новиот пакет санкции за Иран, соопшти денес претседателството на Советот на ЕУ со кој претседава Шведска, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешниот Совет за надворешни работи, највисоките дипломати „усвоија нов пакет санкции против Иран, насочени кон оние што ја поттикнуваат репресијата“, соопшти претседателството на Твитер.
ЕУ силно ја осудува бруталната и непропорционална употреба на сила од страна на иранските власти против мирните демонстранти“, се додава во соопштението.
Новиот пакет санкции е усвоен во време на дискусија за тоа дали иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) треба да биде ставена на официјалната листа на терористички организации на ЕУ.
„Одлуката за ставање на корпусот на гардата на црна листа ќе бара судска одлука во една од земјите членки“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во говорот пред состанокот на министрите за надворешни работи.
Во необврзувачкото гласање минатата недела, Европскиот парламент го осуди корпусот за неговото задушување на демонстрациите во време на повеќемесечните немири во Иран, како и за испораката на ирански беспилотни летала на Русија за употреба во Украина.
Европратениците со големо мнозинство гласаа за резолуцијата со која се повикуваат „ЕУ и нејзините земји членки да ја вклучат ИРГЦ на терористичката листа на ЕУ“.