Ali Cura
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека специјалните претставници на Русија, Кина и Пакистан за Авганистан се состанале со претставници на талибанската администрација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Министерството се наведува дека на покана на талибанската администрација, специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за Авганистан, Замир Кабулов, специјалниот пратеник на Пакистан за Авганистан, Мухамед Садик и специјалниот пратеник на Кина за Авганистан, Јуе Шијаојонг, имале дводневни официјални средби во авганистанскиот главен град Кабул.
Специјалните претставници, како што се вели во соопштението, разговарале со вршителот на должноста премиер, Мола Мухамед Хасан од привремената талибанска Влада во Авганистан, со вршителот на должноста министер за надворешни работи, Емирхан Мутаки и вршителот на должноста министер за финансии, Мула Хидајетулах Бедри.
Се истакнува дека за време на состанокот, детално и конструктивно се разгледани различни прашања поврзани со неодамнешните промени во Авганистан.
„Со цел да се промовираат пријателски односи со странски држави, вклучително и со соседите на Авганистан, и да се обезбеди единство и територијален интегритет на земјата, нагласени се прашања како што се инклузивност на Владата, човековите права, развојот на економските и социјалните врски. Изразена беше и поддршка за борбата против тероризмот и трговијата со дрога“, се нагласува во соопштението на руското МНР.
„Талибанската страна, исто така, придава значење на развојот на односите со Русија, Кина и Пакистан“, се вели во соопштението и се додава: „Постигнат е договор за продолжување на конструктивните контакти за мир и просперитет во Авганистан, стабилност и развој на регионот.“
Специјалните претставници се сретнаа и со поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи и поранешниот претседател на Врховниот совет на националното помирување на Авганистан, Абдулах Абдулах.