Merve Aydoğan
30 Јули 2018•Ажурирај: 31 Јули 2018
СОЧИ (АА) - Официјалните претставници од Турција, Русија и Иран денес во рускиот град Сочи одржуваат технички преговори, пред 10. круг мировни преговори за Сирија, кој треба да се одржи утре, јавува Anadolu Agency (AA).
Преговорите во Астана ќе бидат насочени кон последната ситуација со зоните без судир во сириски Идлиб, враќањето на бегалците, ослободувањето на затворениците и формирање Комитет кој ќе го преработи сирискиот Устав.
На денешните преговори како набљудувачи учествуваат официјални претставници на Обединетите нации (ОН) и Јордан, а Соединетите Американски Држави (САД) повторно одлучија да не испратат претставник.
Главната опозициска група на Сирија ќе ја претставува Ахмед Тума, поранешниот премиер на привремената влада на Сирија, а режимот го претставува Башар Џаафари, постојан претставник на режимот во ОН.
За време на 9. состанок во Астана одржан на 14-15 мај, сите страни се согласија да го почитуваат договореното за зоните без судири и да го одржуваат прекинот на огнот.
Сепак по тешка офанзива, силите на Асад и неговите сојузници ја презедоа контролата врз зоните без судири во регионите Хомс, Дера и Кунејтра.
Минатата недела, режимот започна воено да зајакнува во југозападен Идлиб во обид да го нападне сирискиот северозападен туркменски планински регион, кој е лоциран во зоните без судири.
Идлиб ќе биде главно прашање за време на следниот состанок во Астана, при што турската делегација се очекува да ја нагласи важноста за одржување на прекинот на огнот во регионот.
Русија за прв пат се очекува да го постави прашањето за враќање на бегалците и раселените лица за време на состанокот.
Руските претставници неодамна ги посетија Турција, Јордан и Либан, кои се домаќини на најголемиот дел од сириските бегалци.
Се очекува состанок на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, со турските, руските и иранските официјални претставници, со цел формирање комитет за Уставот.
Режимот и опозицијата му доставија на Мистура листа од 50 кандидати што ќе ги претставуваат во комитетот.