Tayfun Salcı
28 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
ЛОНДОН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Алијансата ќе се брани и во киберсветот, исто како и во физичкиот свет, наведувајќи дека кибернапад врз една земја членка може да го активира членот 5 од договорот за основање на НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во написот за магазинот „Проспект“, кој се објавува во Велика Британија, истакна: „Киберсветот е новото бојно поле. Нашиот главен приоритет е подготвување на НАТО со доволно ресурси, обука и опрема за киберсветот.“
Столтенберг рече дека на овие подготовки ќе се фокусираат на Самитот на НАТО во Лондон во декември и потоа ќе продолжат.
„Со еден клик кибервирусите може да се рашират во светот, но потребен е глобален напор за да се запрат катастрофите што ќе ги предизвикаат“, нагласи Столтенберг.
Истакнувајќи дека НАТО ќе ја одигра својата улога на ова поле, Столтенберг рече дека се приспособуваат на оваа нова реалност.
„Сериозен кибернапад може да го активира членот 5 од нашиот основачки договор за НАТО. Ова е нашата заедничка заложба дека напад врз наш сојузник е исто како напад врз сите нас. Киберсветот е област каде што НАТО ќе извршува ефикасни операции и ќе се брани исто како од воздух, копно и на море. Ова значи дека ние ќе вратиме на секој напад врз нашите сојузници, без разлика дали тоа е во физички или виртуелен свет и ќе се браниме против тоа“, нагласи Столтенберг во својот напис.
Столтенберг, исто така, истакна дека за таа намена во градот Монс во Белгија е изграден нов Центар за кибероперации.
- Соработка со ЕУ
„Колку повеќе информации имаме, толку подобро ќе бидеме подготвени. Со соработка со Европската Унија (ЕУ), со споделување на нашето знаење, зајакнување на нашето образование и заедничките вежби, треба да се осигуриме дека имаме најмоќни средства за да одговориме на растечката компјутерска закана“, напиша Столтенберг.
Тој, наведувајќи дека НАТО наесен ќе одржи една од најголемите светски кибервежби, рече дека на вежбата ќе учествува и персонал на ЕУ.