Enes Canlı
13 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
ТРИПОЛИ/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, се состанаа со нивните руски колеги во Москва, како дел од нивните напори за обезбедување мир и стабилност во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На средбите присуствуваат и претседателот на Советот на Владата за национално единство (УМХ) на Либија, Фајиз ес-Серак, претседателот на Државниот висок совет, Халид ел-Мишри, и други претставници на Владата. Според дипломатски извори, на дневен ред е потпишување договор за прекин на огнот.
Серак во своето обраќање пред Либијците на една национална телевизија се осврна на развојот на политичкиот процес и на потпишувањето на договорот за прекин на огнот.
Истакнувајќи дека нема да се откажат од создавање цивилна држава, Серак рече: „Потпишувањето на договорот за прекин на огнот ќе биде движечки чекор за идните договори. Ова е иницијатива за да Либијците не ги губат своите животи. Прекинот на огнот го прифативме во позиција кога бевме моќни за да се заштити националното единство и социјалното ткиво.“
„Ако пропадне договорот и започнат вооружените операции, ние сме подготвени да возвративме двојно“, рече Серак и додаде: „Ние не се откажавме од нашите национални принципи. Договорот за прекин на огнот е чекор кон елиминирање на целите на оние кои сонуваат само за тиранија и владеење со оружје.“
Серак, воздржувајќи се јасно да зборува за прекинот на огнот што треба да биде потпишан од страните, Серак нагласи:
„Политичкиот процес што ќе го започнеме ќе биде продолжеток на нашето жртвување за создавање држава од нашите соништа. Разликите меѓу нас можат да се надминат само преку демократија и дијалог. Не е можно да се прифати репресивното владеење на едно лице или семејство. Ги повикувам сите Либијци да го заборават минатото, да се откажат од поделби и да соработуваат за мирот и стабилноста.“
Од друга страна, претседателот на либискиот Државен врховен совет, Мишри, на една телевизија во програма во живо истакна дека во Москва ќе патува заедно со Серак.
„Договорот за прекин на огнот не е откажување од „крвта“ на лицата што ги загубија животите, туку само одговор на тоа дека Хафтар, кој веќе 10 месеци го напаѓа главниот град, не може да се владее со оружје“, рече Мишри.
- Хафтар во Москва
Од друга страна, руската медиумска компанија „Спутник“ соопшти дека Хафтар, водачот на вооружените сили во источна Либија, утрово пристигнал во Москва.
Претседателот на руско-либиската контактна група, Лев Денгов, вчера објави дека може да се склучи договор за прекин на огнот за време на посетата на Серак и на генералот пучист Хафтар на Москва.