Amir Latif Arain
28 Јули 2025•Ажурирај: 28 Јули 2025
АНКАРА (АА) – Судирите меѓу тајландските и камбоџанските сили продолжуваат петти ден по ред, и покрај најавените мировни преговори меѓу двете земји што треба да се одржат денес во Малезија, јавуваат официјални лица и локални медиуми, јавува Анадолу.
Лидерите на Тајланд и Камбоџа се очекува да се сретнат на преговорите за мир во услови на тензии и влошена безбедносна состојба поради територијален спор покрај нивната заедничка граница.
Портпаролката на Министерството за одбрана на Камбоџа, генерал-мајор Мали Соќеата, ја обвини тајландската војска за употреба на хемиско оружје, пренесе „Кмер тајмс“.
На прес-конференција, Соќеата изјави дека тајландските сили утринава нападнале во близина на Та Моан Том и Та Крабеи, и покрај фактот дека камбоџанскиот премиер и вршителот на должноста тајландски премиер треба да се сретнат во Малезија.
Таа тврди дека од неделата тајландската страна користи воени авиони за напади со отровен гас врз неколку области во Камбоџа.
Од страна на Тајланд засега нема официјална реакција на обвинувањата.
Пред поаѓањето за Малезија, вршителот на должноста премиер на Тајланд, Фумтам Вечајачајп, изјави за новинарите дека „не верува оти Камбоџа делува со добра намера“.
„Тие треба да покажат искрена намера, а ние ќе го процениме тоа за време на состанокот“, додаде тој.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека американски претставници се веќе присутни во Малезија за да помогнат во мировните напори.
„И претседателот (Доналд) Трамп и јас сме во постојана комуникација со нашите сојузници од двете страни и внимателно ја следиме ситуацијата. Сакаме овој конфликт да заврши што е можно побрзо“, изјави државниот секретар Марко Рубио во соопштението.
Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на земјите од АСЕАН денес упатија апел за итен прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа, изразувајќи длабока загриженост за сè поголемиот број жртви и хуманитарната криза по должината на спорната граница, пренесе малезискиот весник „Малај мејл“.
Најмалку 35 лица се убиени, а повеќе од 200.000 се раселени во судирите меѓу двете сили од четвртокот.