Тел Авив ќе ослободи 1.977 палестински затвореници во замена за 33 Израелци во Газа
Размената ќе се спроведе во седум фази во текот на првите 42 дена, според договорот
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) – Израел планира да ослободи 1.977 палестински затвореници, од кои 290 се со доживотни казни затвор, како и 1.687 обвинети за различни дела, во првата фаза од договорот за размена на затвореници и прекин на огнот во Газа, што ќе стапи на сила в недела, според израелските медиуми, јавува Анадолу.
Според дневниот весник „Једиот ахронот“, Тел Авив ќе ги ослободи палестинските затвореници во замена за 33 израелски заложници кои моментално се држат во Појасот Газа.
Договорот предвидува ослободување на 1.000 палестински затвореници кои биле уапсени по 7 октомври 2023 година, како и 47 затвореници кои биле повторно уапсени и покрај нивното ослободување во договорот за размена на затвореници од 2011 година.
Размената ќе се спроведе во седум фази во текот на првите 42 дена, според договорот.
Израелскиот весник „Хаарец“ денес објави дека првиот ден од договорот ќе бидат ослободени тројца израелски заложници, четворица на седмиот ден, а по тројца на 14-тиот, 21-виот, 28-миот и 35-тиот ден, додека последната група од 14 заложници ќе биде ослободена во последната недела од првата фаза.
Во соопштението од Кабинетот на израелскиот премиер се потврдува дека процесот на размена се очекува да започне в недела, по одобрувањето од страна на Советот за безбедност и Владата.
Министерството за правда на Израел, а потоа и израелската Затворска служба, ќе објават листа на затвореници кои ќе бидат ослободени во првата фаза од договорот.
Според Палестинската комисија за прашања на затворениците, Израел моментално држи 10.400 Палестинци, од кои 600 отслужуваат доживотни казни затвор.
Во средата Катар објави трифазен договор за прекин на огнот, со цел да се стави крај на над 15-месечните смртоносни израелски напади врз Појасот Газа. Прекинот на огнот ќе стапи во сила в недела.
Според локалните здравствени власти, од 7 октомври 2023 година, израелската војна врз Газа доведе до загинување на речиси 46.800 Палестинци, главно жени и деца, а над 110.000 се повредени.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.