Ruslan Rehimov
04 Април 2016•Ажурирај: 04 Април 2016
БАКУ (АА) –Тензиите во пограничниот појас помеѓу Азербејџан и Ерменија не стивнуваат, а азербејџанската војска изврши напад и го сруши штабот на ерменските сили, јавува Anadolu Agency (AA).
“Штабот на командата на ерменските сили на окупираната територија е уништен во нападот на азербејџанската војска. Непријателот претрпе голема загуба, вклучувајќи и поголем број на генерали и офицери”, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Азербејџан.
Од министерството најавуваат дека наскоро ќе објават и видео снимка од нападите на командниот центар на ерменските сили.
Заедно со тоа, порпаролот на азербејџанското министерство за надворешни работи, Хикмет Хаџиев, предупреди дека азербејџанските сили жестоко ќе одговорат на секоја провокација и напад на цивилите од ерменска страна и притоа порача дека за сите последици ќе биде одговорна ерменската страна.
Потсетувајќи дека вчера во кризниот граничен појас Азербејџан прогласи едностран прекин на огнот со цел смирување на тензиите, Хаџиев рече дека ерменските сили продолжија со нападите на цивили и воени цели.
Од министерството за одбрана на Азербејџан претходно е соопштено дека ерменската војска на почетокот од минатиов викенд со топови, минофрлачи и друга тешка артилерија ги нападнала нивните позиции и населени подрачја, на што азербејџанската војска возврати. Во судирите на граничното подрачје помеѓу Азербејџан и Ерменија, Нагорно - Карабах, во саботата загинаа 12 азербејџански војници.
Азербејџан на повикот на ОБСЕ-овата Минск група вчера прогласи едностран прекин на огнот со предупредување дека и понатаму ќе одговара на сите провокации и напади од ерменската страна.