АТИНА (АА) – Фуркан Наџи Топ – Заминувањето на бегалците од грчките острови, во рамките на договорот меѓу Турција и ЕУ, поради долгиот процес за азил може да трае со години, јавува Anadolu Agency (AA).
Надлежните органи и експертите, во изјавите за АА укажаа на одолговлекувањето на процесот на обработка на барањата за азил на грчките острови по постигнатиот договор меѓу Турција и ЕУ, поради недоволниот број експерти за азил.
Според грчките официјални податоци, бројот на мигранти на грчките острови, првенствено на Лезбос, Хиос, Кос, Лерос и Самос, во последните 6 месеци ја надмина бројката од 14 илјади лица. Речиси сите мигранти побарале азил.
Поради бројноста на барателите на азил, некои од нив се принудени да чекаат со месеци за поднесување на барањето, а од друга страна, одбиените поднесуваат жалби, така што сето ова го одолговлекува целиот процес. Сириските мигранти, кои се принудени да поминат низ интервју за прифаќање, дополнително го одолговлекуваат овој процес.
- Четиригодишен план од Фронтекс -
По постигнатиот мартовски договор, во рок од шест и пол месеци, 578 мигранти се вратени во Турција. На овие мигранти не им беше одбиено барањето за азил.
Агенцијата Фронтекс, која е одговорна за заштита на границите на членките на ЕУ, прави подготовки за следните четири години, против одолговлекувањето на овој процес.
Според информациите од еден тур-оператор што соработува со Фронтекс, за враќање на мигрантите во Турција, агенцијата побарала понуда и цена за склучување четиригодишен договор (со опција за две години) со тур-операторите.
Од друга страна пак, недоволниот капацитет за засолнување на мигрантите на грчките острови, лошите услови и вознемирувањето од страна на локалното население, предизвикува селење на некои мигранти во камповите на главниот пат.
Се дознава дека ќе бидат ограничени преселбите на децата мигранти без родители и на загрозените.
- „САД не ги задоволуваат потребите“ -
Грчкиот пратеник и портпарол на владата во врска со мигрантската криза, Јоргос Киричис изјави: „Бројот на експерти испратени од САД во Грција не ги задоволуваат очекувањата во државата“.
Потенцирајќи дека услугите за азилантите забележуваат тренд на растење во Грција, Киричис рече: „Важно е да се потсетиме и од каде почнавме. За жал, грчкиот јавен сектор е ограничен во најмувањето персонал за мигрантски услуги. Дополнително, овој персонал треба да помине низ посебна обука и испит, за да ги оценува мигрантските потреби“.
Грчката претставничка за мигрантски услуги од Министерството за внатрешни работи, Елени Петраки, изјави дека бројот на баратели на азил на грчките острови е зголемен за 6 пати од минатата година, и додаде дека персоналот за мигрантски прашања од 5 е зголемен на 45, како и дека добиваат помош од ЕУ.
Потенцирајќи дека е побарано да се испратат повеќе експерти од ЕУ, Петраки рече: „Бројот на експерти е многу помал од потребното. Поради тоа, обработувањето на податоците за баратели на азил одзема повеќе време“.
- Апел за помош од ЕКПА за членките на ЕУ -
Портпаролот на Европската канцеларија за поддршка на азил, Жан Пјер Шембри, состојбата на грчките острови исто така ја оцени како отежнувачка.
Шембри изјави дека е побарано поддршка со експерти од ЕУ-членките: „ Имаме потреба од повеќе експерти за азил. Не се исполнуваат барањата што ги поднесуваме до државите-членки“.
Шембри информираше дека на Лезбос работат 37, а вкупно 200 експерти од ЕКПА работат во Грција: „Ако ние го зголемиме бројот на експерти, тоа треба да го направи и Грција“.
- „Се кршат човековите права“ -
Адвокатот Емануил Хаџикалкиас, кој заедно со една невладина организација работи за мигрантите во Лезбос, напоменува дека иако намалено, сѐ уште трае доселувањето на мигрантите: „Никој не знае колку ќе трае овој процес. Но, и да престане приливот на бегалците, ќе биде потребно повеќе од една година тие да заминат од островот“.
Укажувајќи на тоа дека една од причините за одолговлекувањето на овој процес е недостатокот на експерти од ЕКПА, Хаџикалкиас изјави: „Процесот би бил позабрзан доколку има повеќе експерти. Но, сепак, и да го поминевме првиот чекор на регистрација и донесување одлука, ќе застаневме на следниот чекор. Бројот на комитетите што одлучуваат за жалбите поднесени од страна на одбиените мигранти не е поголем од 5. Со ваква бројка, колку документи можат да се разгледуваат дневно?“
Тој потенцираше дека и бројот на експерти во грчкиот јавен сектор е мал: „Нема доволно експерти за азил. Овие експерти до 2015 година поминуваа 80 случаи годишно. Сега се принудени таа бројка да ја поминат за два дена. Како ќе постигнат?“
Хаџикалкиас додаде дека по регистрацијата на мигрантите, тие се принудени да чекаат дури и по 6 месеци за да бидат повикани на интервју за поднесување на барањето за азил.
Укажувајќи на кршењето на човековите права во текот на оваа процедура, Хаџикалкиас рече: „Наидов на документи на пакистански баратели на азил, чии барања се одбиени, дека за тоа се информирани со помош на преведувач и имаат право на жалба во рок од 5 дена. Меѓутоа, овие лица не се ниту информирани за ситуацијата, затоа што нема преведувачи. На документите нема ниту потпис. Само печат од полицијата“.