Rabia İclal Turan
06 Август 2026•Ажурирано: 06 Август 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп ги демантираше известувањата дека САД се соочуваат со недостиг на клучна муниција, нагласувајќи дека земјата располага со големи резерви и предупредувајќи дека лицата одговорни за протекување на таквите информации ќе се соочат со кривично гонење, јавува Анадолу.
„САД имаат огромни количества муниција, особено од одредени видови“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“.
„Дополнително, големи количества се произведуваат и по потреба се испорачуваат во САД. Одбранбените компании го градат најголемиот број погони и фабрики во историјата на нашата земја“, додаде тој.
„Се трага по ‘протекувачите’ на овие предавнички изјави“, истакна Трамп. „Ќе се бараат долгорочни затворски казни!“
Изјавата на Трамп следува откако повеќе американски медиуми објавија дека намалените резерви на пресретнувачки ракети биле еден од факторите што влијаеле врз одлуката на администрацијата да се воздржи од дополнителни напади врз Иран.
Според „Вашингтон пост“, Трамп минатата недела, за време на состанок на Кабинетот во Кемп Дејвид, во сојузната држава Мериленд, се соочил со министерот за одбрана Пит Хегсет поради сериозниот недостиг на муниција, кој, според извештајот, ги ограничил воените опции на САД против Иран.
Белата куќа и Пентагон ги демантираа овие наводи.