Berk Kutay Gökmen
19 Ноември 2026•Ажурирано: 19 Ноември 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за нова серија воени напади врз Иран под притисок од Израел, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на официјални претставници, пренесува Анадолу.
Трамп сè уште нема донесено одлука, но разгледува дали да ги обнови воените операции откако Израел предупредил дека Иран постигнал напредок во обновувањето на своите ракетни и беспилотни капацитети.
Според наводите, во администрацијата на Трамп растат несогласувањата во врска со веродостојноста на разузнавачките информации и прашањето дали е оправдан нов напад врз Иран.
Овие несогласувања доаѓаат по средномандатните избори, на кои гласачите изразиле незадоволство од војната, која ги зголемила цените без да ја донесе брзата победа што Трамп ја ветуваше пред речиси осум месеци.
И покрај оваа загриженост, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го притиска Вашингтон САД да му се придружат на Израел во воздушна кампања против Иран, која би траела од четири до седум дена, според наводите.
Нетанјаху настојува да обезбеди американска поддршка, иако израелските претставници негирале дека врши притисок врз Трамп.
Разговорите меѓу двете земји се интензивирале минатата недела. Шефот на Мосад, Роман Гофман, се сретнал со високи американски претставници, меѓу кои и директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, додека други израелски разузнавачки и воени претставници, исто така, повикале на обновување на акциите против Иран, според извештајот.
Трамп праќал различни сигнали во врска со обновувањето на конфликтот. Понекогаш тврдел дека војната е завршена, а во други пригоди навестувал дека може да биде потребна дополнителна воена акција за да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.