Beyza Binnur Dönmez
05 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
АНКАРА
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека Вашингтон нема никаква поврзаност со двете неуспешни поморски рации во Венецуала извршени во неделата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коментарите на Трамп за новинарите пред да замине во Аризона ги негираат тврдењата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро за интервенцијата на САД.
„Само што добив информација за тоа. Нема никаква поврзаност со нашата влада“, изјави тој како одговор на прашањето, додавајќи „Ќе откриеме. Само што слушнавме за тоа.“
„Што и да е, ќе ве известиме. Но, тоа нема никаква врска со нашата влада “, додаде Трамп.
Американскиот претседател ги даде ваквите коментари неколку часа откако Мадуро рече дека САД и Колумбија се одговорни за ваквите рации, обвинувајќи двајца американски платеници кои беа заробени меѓу 13 напаѓачи.
Колумбија сѐ уште не даде коментар по тој повод.
„Во оваа група беа членовите на безбедносниот тим на Доналд Трамп: Ариан Бери, професионален платеник на САД и Лук Денман. Тие веќе се изјаснуваат“, изјави Мадуро.
Тој се осврна на извештаите на Асошијетед Прес за поранешниот член на американските специјални сили познати како „Зелени беретки“, Јордан Гудрау, во кои тој ја детализира операција за соборување на владата на Мадуро.
Гудрау, кој е сопственик на приватната безбедносна компанија „ SilverCorp“, ја презеде одговорноста за нападите и за новинската агенција изјави дека работи со двајца американски државјани во операцијата „Gideon“, која беше покрената во неделата за ослободување на Венецуела и фаќање на Мадуро.
Тој, исто така, призна дека потпишал договор со лидерот на опозицијата, поддржан од САД, Хуан Гваидо за соборување на Мадуро. Гваидо го негираше обвинението.
- Тензии меѓу Венецуела и САД
Дипломатските врски меѓу двете земји се влошија минатата година, заради зголемената политичка напнатост во борбата за моќ меѓу Мадуро и Гваидо.
Венецуела е под силни економски и дипломатски санкции од страна на САД повеќе од една година откако официјален Вашингтон го призна Гваидо за легитимен владетел на земјата, наместо новоизбраниот претседател Мадуро.
САД ги обвинија Мадуро и неколку клучни помошници за наводна трговија со дрога.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео претходно изјави дека „мултилатералните напори за враќање на демократијата во Венецуела продолжуваат брзо да се развиваат“ и тој „ги ажурираше плановите за повторно отворање на амбасадата на САД во Каракас“.
Амбасадата, која се затвори во 2019 година, ќе се отвори повторно во Каракас веднаш штом Мадуро ќе се повлече во рамките на планот за демократска транзиција.