Mıchael Gabrıel Hernandez
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека утре ќе го открие неговиот долгоочекуван „Договор на векот“ за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тоа е многу голем план, тоа ќе биде предлог помеѓу Израел и Палестинците. Тој е најблизу од кога било досега, ќе видиме што ќе се случи“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, како домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Ја имаме поддршката на премиерот, ја имаме поддршката од другите страни и мислиме дека конечно ќе имаме поддршка од Палестинците, но ќе видиме“, додаде Трамп, истакнувајќи дека планот ќе биде откриен утре напладне.
Трамп треба да се сретне и со лидерот на израелската опозиција Бени Ганц.
Палестинските власти целосно го отфрлија планот, а палестински официјален претставник рече дека претседателот Махмуд Абас го одбил барањето на Трамп за телефонски разговор пред претставувањето на планот.
Израелските Канал 12 и 13 истакнаа дека според планот на Трамп ќе се признае израелскиот суверенитет на речиси сите населби на окупираниот Западен Брег, кои се нелегални според меѓународното право.
Со тоа ќе се помести израелската граница признаена од САД кон исток во палестинска територија, а ќе биде признаен и израелскиот суверенитет врз цел Ерусалим, што Палестинците го бараат како главен град на својата идна држава.
Планот, исто така, ќе признае демилитаризирана палестинска држава во подоцнежен период, но палестинските власти тешко дека ќе го прифатат планот, за кој Канал 12 вели дека ќе бара и разоружување на Хамас и палестинско признавање на Ерусалим како главен град на Израел.