Mohamed Sabry Emam Muhammed
22 Јануари 2017•Ажурирај: 23 Јануари 2017
ТРИПОЛИ (АА) - Две лица загинаа во експлозија на автомобил-бомба недалеку од амбасадата на Италија во главниот град на Либија, Триполи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Анонимен извор, неовластен за давање изјава за медиумите, изјави дека експлозијата се случила во близина на Министерството за просторно уредување и амбасадата на Египет.
Сè уште никој не презеде одговорност за нападот.
Според тврдењата на сведоците, возачот на автомобилот се обидел да се паркира пред зградата на италијанската амбасада, но тоа не го дозволиле припадниците на безбедносниот персонал, при што возилото експлодирало.
Овој напад се случи две недели по повторното отворање на италијанската амбасада, по двегодишна пауза.
Судирите во Либија започнаа во средината на 2011 година. Политичките поделби доведоа до формирање на две влади, една со седиште во Тобрук и друга во Триполи.
За време на шестгодишните превирања во Либија, голем број дипломатски претставништва ги затворија своите објекти, ги преместија вработените и ги советуваа граѓаните да не патуваат во таа земја.