Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
23 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Министрите за надворешни работи на МИКТА, групацијата во која членуваат Мексико, Индонезија, Јужна Кореја, Туркије и Австралија, се состанаа во Њујорк под претседателство на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
На 22. состанок на министрите за надворешни работи на МИКТА во Центарот „Туркеви“ (Турска куќа), близу седиштето на Обединетите нации (ОН), Чавушоглу истакна дека на состанокот ќе се разгледаат начините за зајакнување на социјалната заштита пред следната криза.
„Оваа тема се однесува и на нашите претседавачки приоритети и воопшто на оние на МИКТА“, додаде тој.
На Твитер, Чавушоглу сподели фотографии од средбата, истакнувајќи дека полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау, присуствувал како гостин учесник.
МИКТА беше иницирана од министрите за надворешни работи на земјите членки на 25 септември 2013 година на маргините на 68. Генерално собрание на ОН.
Групацијата има за цел да изнајде конструктивни решенија за регионалните и глобалните предизвици, како и да ја зголеми ефективноста на глобалното владеење.
Таа сака да ја зајакне својата соработка за да го крене својот глас за глобалните прашања и да стекне влијание во рамките на меѓународните организации.
Земјите членки на МИКТА работат и на зајакнување на нивните економски и политички врски.
Фестивалот МИКТА ‒ Денови на филмот е само една од културните активности што земјите членки имаат за цел да ги развијат во иднина.
Чавушоглу по состанокот на МИКТА оствари и одделни средби со австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг и со полскиот министер Рау.