Seda Tolmaç, Serhat Tutak
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
Турските изведувачи имаат за цел да одиграат активна улога во обновата на Украина и да се вклучат во различни области, почнувајќи од градежништвото па сè до инфраструктурните проекти штом ќе заврши војната, изјави претставник на секторот за Анадолу.
Во изминатите 50 години, турските изведувачи реализирале околу 13.000 проекти, со вредност од 562 милијарди долари, во 138 земји, а нивната цел е да одиграат клучна улога во напорите за обнова и развој на подрачјата погодени од регионалните конфликти.
Турско-украинската оперативна група за обнова, основана во 2024 година, ги утврди приоритетите за развој на транспортната инфраструктура, мостовите, патиштата, енергетските објекти, станбениот простор и социјалната инфраструктура во Украина.
Се очекува дека новите можности во повоената изградба и обновата ќе добијат на интензитет.
Како што истакна Батурај Конак, главен оперативен директор на градежната компанија „Онур груп“, оваа компанија уште од 2002 година нуди меѓународни градежни и изведувачки услуги, а до денес има реализирано 13 проекти во различни земји, додека нејзините тековни операции се во Саудиска Арабија, Украина, Молдавија, Романија и Турција.
Конак истакна дека компанијата генерално презема инфраструктурни и транспортни проекти, но неодамна започнала со изградба и на електрани и индустриски погони.
„Присуството на компанијата во Украина датира уште од 2003 година“, вели тој.
„До денес во Украина имаме изградено патишта во должина од околу 6.000 километри, пет аеродроми и имаме поставено 4.500 метри инфраструктурна мрежа. Таму останавме и за време на војната, при што извршивме расчистување на мини и поправка на патиштата во должина од околу 80 километри. Исто така, инвестиравме во угостителскиот сектор, во ветерна и сончева енергија, а управуваме и со производствени погони на различни индустриски локации“, изјави тој.
Конак истакна дека приоритетите на Украина се пренасочија кон одбраната и стратегиските потреби поради војната, додека потребата за изградба и понатаму останува.
Тој напомена дека поедноставувањето на процесите за обнова на земјата по војната им го олеснува пристапот на инвеститорите за влез на пазарот.
„Очекуваме поддршка што ќе им овозможи на турските изведувачи побрзо да влезат во овој процес и многу полесно да ги реализираат инвестициите“, изјави тој.
„Верувам дека на Украина ќе ѝ бидат потребни турските изведувачи во бројни области, со оглед на тоа што тие секогаш го даваат својот максимум во предизвикувачките региони, нудејќи многу поголема флексибилност во споредба со изведувачите од другите земји“, додаде тој.